Skip to main content
Newsroom Fact sheet

Фондациите Отворено Општество и Џорџ Сорос

Фондациите Отворено општество се основани од Џорџ Сорос, еден од најистакнатите филантропи во светот, кој од 1984 година до денес донирал повеќе од 32 милијарди долари од личното богатство стекнато на финансиските пазари.

Фондациите Отвореното општество поддржуваат поединци и организации ширум светот во нивната борба за слобода на изразување, транспарентност, отчетна влада и за општества кои промовираат правда и еднаквост. Оваа помош често е наменета за оние кои се соочуваат со дискриминација едноставно само поради она што се, како што е ромската популација во Европа и други групи кои се истуркани на маргините на традиционалното општеството.

Сорос лично искусил ваква нетолерантност. Роден во Унгарија во 1930 година, тој ја преживува нацистичката окупација којашто резултирала со убиство на повеќе од 500.000 унгарски Евреи. Во 1947 година, кога на власт во Унгарија доаѓаат комунистите, Сорос ја напушта Будимпешта и заминува за Лондон, а подоцна емигрира во САД и влегува во светот на финансиите и инвестициите од каде подоцна го стекнува своето богатство.

Својата филантропска дејност ја почнува во 1979 година, со доделување стипендии за црните студенти од Јужна Африка за време на апартхејдот. Во 1980-те години, тој помага во промоцијата на отворена размена на идеи во комунистичка Унгарија, а по падот на Берлинскиот ѕид се обидува да ги зајакне демократските практики и институции во Источна и Средна Европа.

По завршувањето на Студената војна, тој ги проширува своите филантропски активности во САД, но и во Африка, Азија и Латинска Америка, поддржувајќи широк спектар на нови заложби за создавање поотчетни, транспарентни и демократски општества.

Budget infographic in Macedonian

9 ФАКТИ ЗА ФОНДАЦИИТЕ ОТВОРЕНО ОПШТЕСТВО

  1. Фондациите Отворено општество денес вклучуваат повеќе од 20 национални и регионални фондации, сите со свој локален советодавен одбор чиишто членови ја надгледуваат работата и ги дефинираат приоритетите за финансирање во однос на локалните потреби.
  2. Првата фондација е основана во Унгарија во 1984 година, додека последна е отворена фондацијата во Мајнмар во 2016 година.
  3. Фондациите Отворено општество обезбедуваат не повеќе од 33 проценти од финансирањето на поголемиот дел од организациите со кои работиме, со цел да се обезбеди нивната автономија и да се воспостави стабилна финансиска основа за нивното работење.
  4. Со капитал од околу 18 милијарди долари, Фондациите Отворено општество се третата најголема филантропска организација во светот, по Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ и „Wellcome Trust“ од Обединетото Кралство
  5. Фондациите Отворено општество се најголемиот приватен финансиер на заложбите за поддршка на ромското малцинство во Европа
  6. Почнувајќи од 1993 година, Фондациите Отворено општество имаат обезбедено десетици милиони долари за хуманитарна помош и акции за олеснување на последиците од војните во земјите од поранешна Југославија, особено за време на опсадата на Сараево. 
  7. Во САД, Фондациите Отворено општество работат од 1996 година. Нашата работа во САД се финансира со нешто помалку од 20 проценти од вкупниот износ на финансиски средства и вклучува поддршка на реформата на кривично-правниот систем и законите за дроги, зајакнување на демократското учество и поддршка на хумани закони за имиграција.
  8. Фондациите Отворено општество постојано се вклучуваат во дебати за јавни политики во врска со контроверзни прашања коишто другите финансиери можеби ги избегнуваат. Горди сме на нашата работа со луѓе кои се отфрлени од општеството само поради она што се.
  9. Името на Фондациите го одразува влијанието на филозофијата на Карл Попер врз нашиот основач. Во неговата книга „Отвореното општество и неговите непријатели“, Попер аргументира дека ниту една филозофија или идеологија не е конечниот арбитер на вистината и дека општествата се развиваат само кога во нив има простор за демократско владеење, слобода на изразување и почитување на правата на поединецот.

Download

Read more

Subscribe to updates about Open Society’s work around the world